Во ликовниот салон во Велес попладнево беше промовирана збирката раскази „Муабетење со умот“ од велешката писателка,професор во пензија Нада Алексоска, на која оваа и е трета книга раскази, а има објавено и шест-седум стихозбирки.
Промоторот Веле Алексоски во разговорот за МИА, појасни дека оваа книга раскази на авторката Нада Алексоска, се содржани куси раскази-новели кои се поделени во четири групи, а во нив преовладува чувството кон татковината, кон околината во која живее и семејството. Книгата завршува со малку хомор посветен на најмладите-најмилите на своие внуци.
– Книгата ја опфаќа љубовта на човекот кон својата татковина,родољубието и тие што не опкружуваат нашите блиски и соседи. Во книгата има многу метафорични моменти,како доаѓањето на ластовичките што значи на враќањето на нашите деца и внуци кои се во странство. Нив нетрпеливо ги очекуваат нивните стари родители, баби и дедовци. Книгата ја опфаќа особено осаменоста на нашите постари жители во руралните населби бидејќи нивните деца и внуци се заминати или во поголемите градови во земјава или во странство, а говори и за испустувањето на селото, појасни Алексоски. Тој потсетува дека за жал во нашата земја иселувањето е присутно одамна, уште од печалбарството во време на Балканските војни, па низ годините потоа, а најмногу во оваа последна деценија. -Сите наши иселеници ќе се најдат во оваа книга со раскази, но и нивите родители и роднини кои тука во земјава ги чекаат секогаш со отворени врати, а за жал многу од нив и не ги дочекуваат, потенцира Алексоски.
Книгата како и останатите од творештвото на Нада Алексоска може да се позајми за читање од велешката Локална библиотека „Гоце Делчев“.