Општина Битола утврди програма за социјална заштита со систем на политики, мерки и активности со кои ќе се спречуваат и надминуваат социјалните ризици кај граѓаните.
Цел на програмата е намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост преку јакнење на капацитетите на лицата од ранливи категории и нивна правилна инклузија во секојдневието на општината.
– Со овој план се реализираат потребите за социјална заштита на ранливите категории граѓани и нивна поголема вклученост во општеството и излегување во пресрет на нивните барања.Основа за изготвување на социјалниот план од страна на Советот за социјална заштита е регулирано со член 141 од Законот за социјална заштита во кој се определени правата и должностите, но и обврската за социјално планирање пред органите на регионалната и локалната самоуправа. Документот дава преглед на досегашните достигнувања и ресурси и поставува цели и приоритети во борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост во периодот од 2021 до 2024 година. Тој е во согласност со целите на социјалната политика поставени на европско и национално ниво, информираа од тамошната локална самоуправа.
Со реализацијата на социјален план Општина Битола ја прилагодува својата работа за секој граѓанин и се труди да обезбеди квалитетен живот со почитување на принципите на правда, еднаквост и почитување на човековите права, а гарантира дека социјалните услуги се навремени, насочени и достапни за сите.
Документот ќе придонесе кон систематско подобрување на социјалните услуги обезбедени со минимални административни барања и ефективна меѓусекторска соработка и нивно континуирано прилагодување кон индивидуалните потреби на граѓаните и стандардите за квалитет на социјалните услуги.