Носителот во изборната единица 5 од Коалицијата „За обнова на Македонија“ и оперски пејач Игор Дурловски доцна вечерва на својот фејсбук ја информираше јавноста дека поднел оставка од местото пратеник во Собранието на Република Македонија.
Дурловски во статусот не ги кажа причините поради кои ја поднесува оставката.
- Националните интереси, правда за неправедно прогонетите и нормална држава за нашите деца беа/се мои приоритети. Пратеничката фотеља боде кога политичката прагма станува поважна од моралот. Затоа, го напуштам Собранието на Република Македонија, а на колегите од Коалицијата „За обнова на Македонија“ им посакувам истрајност, доследност, мудрост, којашто сум сигурен дека ја имаат. Тоа што го зборував не можам да го направам, но сега нема да зборувам, а ќе продолжам да го правам!
Останувам доследен на моите поддржувачи и нивниот глас.
#Македонија #Слобода, напиша Дурловски.