Во фоајето на Националната установа Центар за култура Крива Паланка денес се одржа промоција на стихозбирката”Копнеж”, книжевно првенче на авторката Благица Велковска.

Велковска е членка на литературниот клуб „Калин” при библиотеката Кочо Рацин во рамките на установата.

-Во творештвото на Велковска суптилно провејува копнежот, по неостварени желби, по моменти од детството, по изгубени драги лица, но лајт-мотивот според моето интерпретирање, во нејзиниот едноставен но силен поетски израз, е љубовта, од која блика и радост,и тага, па и желба и копнеж, за да нуркајќи низ стиховите пловиме низ животот во неговата есенцијална форма исткаена со книжевен јазик, истакна поетесата Емилија Колевска, промотор на книгата.

Авторката Велковска рече дека инспирација за создавање стихови пронаоѓа и секојдневно изнаоѓа буквално во се, од прагот на домот каде ги исчекува драгите, преку камчињата од ѕидините на опожарениот и дом, до секое ливче детелинка, цвеќе или нечија воздишка.

Поезија читаа членови на литературниот клуб Калин, а настанот се одржа согласно сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19 пропишани од Комисијата за заразни болести и Владата на Р Македонија.