Излезе новиот двоброј на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“ чиј издавач е Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“-Битола.
На 245 страници, застапени се 71 македонски и странски автори од Кина, Велика Британија, Виетнам, Колумбија, Израел, Италија, Саудиска Арабија, Венецуела, Турција, Белгија, Албанија, Романија, Германија, Шведска, Полска, Словачка, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Грција, Индија, Бангладеш и Узбекистан.
Проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, главен и одговорен уредник на списанието, посочува дека новиот двоброј содржи квалитетни прилози поезија, проза и литературни осврти од познати и реномирани македонски и светски автори во четири рубрики, и тоа поезија, проза, согледби и рубриката книжевен мозаик.
-Првиот број на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“ излезе во 2001 година, а нѐ радува фактот што тоа од година во година е сѐ побогато, пообемно и поконкуретно во национални рамки, но и пошироко. Иако живееме во време на затвореност на физичкиот ентитет и физичка дистанца поради пандемијата, сепак остануваме духовно и културно отворени и тоа повеќе од кога и да е. „Раст“ оваа година нѐ поврзува со 23 држави од светот, а истовремено ни овозможува промоција на нашата книжевност во светски рамки, истакна Андоновска-Трајковска.
Списанието ќе биде промовирано в недела, 1 ноември, во големата сала на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола во рамки на 10. Меѓународна книжевна манифестација „Битолски книжевни паметења“.