Кафе барот „Нагоре“, во соработка со Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ и Кинотека на Македонија месец ноември ќе го посвети на старите македонски филмови, кои се дело на браќата Манаки и режисерот Кирил Ценевски, соопштија денеска организаторите.

– Станува збор за исклучителна листа на стари снимки од архивата на кинотека од првите краткометражни записи на браќата Манаки и долгометражните филмови на еден од првите македонски режисери. Ќе имаме можност да ги видиме записите: „Баба Деспина“, „Домашна работа (Предилки)“ „Училиште на отворен простор“, „Перачки“, „Панаѓур“, „Пазар и касапи“, „Панаѓур во Бер“, „Власи Номади“ и многу други, информираат организаторите на овој настан.

Од режисерот Кирил Ценевски гледачите ќе можат да ги видат филмовите „Црно семе“, „Јад“, „Оловна бригада“ и „Јазол“.

Филмската програма започнува в недела, на 1 ноември, во Кафе бар „Нагоре“.