Австрискиот амбасадор Георг Вуцас и постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан, денеска има средба со министерот за здравство Венко Филипче за тековната состојба со Ковид-19.
Во октомври годинава, Република Австрија, преку Австриската Развојна Соработка (ADA) и во партнерство со УНДП, продолжи да ја поддржува Македонија во напорите да се справи со пандемијата со донација на 300 неинвазивни респираторни маски, 150 протокометри и кабинет за био-безбедност. Опремата ќе се користи во Клиниката за инфективни болести во Скопје и во други болници низ земјата со што ќе се зголеми нивниот капацитет за третман на случаи на Ковид-19 со средни до тешки симптоми, во период кога се бележи раст на потврдените случаи.
Оваа поддршка е дел од серија на донации од Австрија за помош при справувањето со пандемијата која почна во мај 2020 година и ќе продолжи барем до крајот на март 2021 година. Австриските болници исто така се отворени за Ковид-19 пациенти од Македонија со тешки симптоми кои бараат итна интензивна нега.
Австриската Развојна Соработка ја поддржува Македонија во опоравувањето од и отпорноста на Ковид-19 како дел од регионалниот ангажман во Југоисточна Европа. Последната контрибуција е дел од пакет за поддршка за справување со КОВИД-19 за Македонија кој го спроведува УНДП.
Како дел од својата глобална понуда за помош кон земјите во справувањето со предизвиците на пандемијата, УНДП е посветена на олеснување на мултилатералните партнерства и зајакнување на меѓународната соработка во напорите земјите да одговорат и се опорават од ефектите на Ковид-19.
Зајакнување на заложбата за мултилатеризам и Универзалната декларација за човекови права се една од седумте точки идентификувани од УНДП како клучни за опоравување од кризата, но и за развивање на поголема отпорност на идни глобални кризи. Под оваа заложба, УНДП работи во партнерство со Австрија, ЕУ, Швајцарија, Шведска, Велика Британија, како и другите агенции на ОН во земјата, за да ја поддржи Македонија во итното справување со пандемијата и во зајакнувањето на процесот на опоравување на среден и долг рок.