Oпштина Штип ја обезбеди потребната документација за изградба на Пречистителна станица за отпадните води со колекторски систем.
Вршителот на должност градоначалник на Општина Штип, Јане Миланов вели дека првата фаза од проектот, со проектна и тендерска документација е комплетно завршена. Проценките на проектот покажуваат дека ќе чини 20 милиони евра, а средствата се очекуваат од фондовите на ЕУ.
-Очекуваме кога ќе дојде ред за тендерирање на проектов, да настапиме пред тие европски фондови, коишто треба да ги обезбедат средствата и дека ќе имаме можност на радост на сите штипјани да пристапиме кон реализација на проектов. Завршени се физибилити студијата, студијата за оцена на животната средина, анализа на трошоци, тоа е фаза која е завршена и сега во втората фаза практично се чека на распишување на тендер и започнување со нејзината изградба, изјави Миланов.
Како што информираат од Општина Штип, покрај Пречистителната станица која ќе биде лоцирана кај местото Калимерово, ќе се изгради и колекторски систем, по течението на река Брегалница, почнувајќи од населбата Стар Карорман, а ќе оди покрај Чардаклија, Балканска, Македонка, низ градот Штип и ќе заврши кај Калимерово.
-Со изградбата на Пречистителната станица за отпадни води и колекторскиот систем ќе се реши и проблемот со загадувањето на реката Брегалница, кое доаѓа од индустриските објекти – потенцираат општинските власти.
Пред неколку месеци најголемата притока на Вардар беше обоена со бела боја.