Во Кинотеката на Република Македонија од денеска до 6 ноември ќе бидат поставени три изложби: Довидување Скопје-довидување граду наш мил. Евакуација на децата по земјотресот во Скопје 1963-1964г.“ од проф. д-р Марјан Димитријевски, „Скопје во времето на градоначалникот Јосиф Михајловиќ-Јуруковски“ од проф. д-р Лидија Ѓурковска и „Документи и фотографии за развојот на здравството во Македонија по Втората светска војна“ од проф. д-р Габриела Топузвоска.

Изложбата на проф. Габриела Топузовска на тема „Документи и фотографии за развојот на здравството во Македонија по Втората светска војна“ претставува приказ на историскиот развој на здравствениот систем во нашата земја по завршување на Втората светска војна.

-Со формирање на македонската држава по Втората светска војна, може да се каже дека започнува и современиот развој на здравството во Македонија и тоа е период кога се возобновуваат веќе постоечки здравствени институции како што е Хигиенскиот завод, што постои меѓу двете светски војни, се создаваат и нови здравствени институции и едукативни здравствени институции, формиран е Медицинскиот факултет, се формираат и средните медицински училишта, што секако претставуваат важна алка во понатамошниот развој на здравствениот систем во нашата земја, вели Топузовска.

Таа вели дека за изложбата се определиле за фотографии и документи што претставуваат еден многу мал и суплимиран сегмент од развојот на здравството во тој период, но верува дека ќе побуди интерес во јавноста, да ја посетат изложбата со цел да стекнат една слика што ќе ги однесе во еден период кога нешто зачнувало и се развива до денес.

Јосиф Михајловиќ – Јурукоски по потекло од с. Тресонче, бил еден од втемелувачите на урбано Скопје, и градоначалник на градот во два мандата: од 1929 година до 1936 година и од 1939 година до 1941 година.

Во негово време се изградени капитални објекти за урбаниот лик на градот Скопје, како што се зградата на денешниот парламент, Градската болница, Зоолошката градина, Градскиот парк, Зеленото пазарче, Железничката станица и старата зграда на Народната банка, што се разурнати во земјотресот во 1963 година, над 200 нови улици и многу други значајни градби на Скопје.

-Тоа што сакам да го одвојам е тоа што на редовна седница на општината на Град Скопје прв направил урбанистички план на градот што не постоел до тогаш, исто така значаен е за проширување на електричната и канализационата мрежа на градот и ќе се памети по тоа што само една улица во Старата скопска чаршија го носи неговото име, истакна авторката на изложбата, Лидија Ѓурковска.

„Довидување Скопје-довидување граду наш мил. Евакуација на децата по земјотресот во Скопје 1963-1964г.“ изложба на проф. д-р Марјан Димитријевски е на тема што досега речиси е необработена, а е посветена на судбината и патешествијата на најмилите и најмалите- состојбата на децата за време на земјотресот и по евакуацијата од градот Скопје.

Инспирацијата за изложбата е токму тоа што Димитријевски бил едно од децата амбасадори кој на девет годишна возраст бил евакуиран од градот заедно со своите браќа. Децата се школувале на три места, во Пореч и Црквеница во Хрватска и Лесковац во Србија.

Димитријевски истакна дека за време на школувањето таму, што траело една школска година, децата што се школувале ја пренесувале нашата цивилизација, но и се збогатиле со нивната цивилизација и ја пренесувале во Скопје.

За време на школската година биле повикани наставници од нашата земја, а наставата се одвивала на македонски јазик.

-За сите три школи што беа отворени постои досие од 1.000 страници, за сите деца, по име и презиме и клас, за сите професори и воспитувачи, какви услови за живеење имале, документација за секој културен настан што се одвивал за време на наставата, сите тие документи се во архивата на градот Скопје, во Хрватска и Србија, раскажува Димитријевски.

Таа истакна дека оваа тема и овој проект заслужуваат внимание и јавноста треба да биде запознаена со овој дел од историјата на градот.