Состојбата во Струга, негрижата на институциите и граѓаните кон својот град се дел од темите што ќе бидат раскажани во пет кратки документарни филмови што деновиве се снимаат во Струга во рамките на проектот „Граѓаните во нашиот град, главни актери или неми статисти“ во организација на Здружението за афирмација на култура „Багер Генезис 2.0“.

Координаторот на проектот Јаков Попоски во изјава за МИА појасни дека учесниците, млади стружани, кои се филмски работници по учеството на работилници за креативни документарни видеа и креативни постери групирани во пет тимови имаат можност да снимаат по еден краток документарен филм по сопствено сценарио.

– Темите се поврзани со нешто што недостига во градот, во нашето општество. Но, сите се индивидуални идеи. Секој избира приказна што сака да ја раскаже, или за себе или за некој друг – потенцираше Попоски.

Тој додаде дека примарна тема се дивоградбите на крајбрежјето, но опфатен е и сообраќајниот хаос во Струга, справувањето со отпадот во градот…

– Еден од филмовите е токму за тоа. Млада веслачка пренесува порака дека крајбрежјето на Охридското Езеро е уништено. Останатите се поврзани со сообраќајниот хаос во Струга, справувањето со отпадот, грижата, односно негрижата на институциите, но и граѓаните како се однесуваат кон својот град, дали се еколошки освестени. Темите се од секојдневното живеење, но секој си одбира свој пристап во раскажувањето – истакна Попоски.

Тој најави дека следниот викенд ќе снимаат документарец за апатијата, односно незаинтересираноста кај младите во Струга во вклучување во процесите за сè она што влијае врз нивниот живот.