Културното богатство што го поседува општина Вевчани ќе биде прикажано во мултифункционален објект на површина од 1.400 метри квадратни.
Градоначалникот Сашо Јанкоски информира дека преадаптираното старо училиште ќе стане современ туристички центар, во кој ќе бидат сместени повеќе поставки, сали за семинари, галерија и други комерцијални содржини.
– Туристичкиот центар Вевчани ќе има поставки од Вевчанскиот карневал, заштитеното подрачје Јабланица, народни носии, како и сали за семинари, боди билдинг и фитнес центар, односно нови содржини кои подолго ќе ги задржат туристите тука, истакна Јанкоски.
Објектот ќе се реконструира преку проектот за Локална и регионална конкуренција во вредност од 985.000 евра.