Во Старата битолска чаршија, кај „рибарниците“, како од под вода „ѕирка“ џамијата Хаџи Махмуд-бег. Ѕирка, затоа што цела е „затворена“ од бројни дуќани, стари и нови, а скриено е и минарето, кое не ја издржа силината на битолскиот земјотрес во 1994 година.
Овој споменик на културата, познат и како џамијата Хаџибеј, е изграден во 1521 година, од страна на Хаџи Махмуд-бег, во еден период субашија на Битола, кој се занимавал со трговија, а најмногу со продажба на дрва и затоа го викале Томрук-ага (турски томрук – дрво, дрвена направа). Џамијата е во селџутски стил за кој се карактеристични збир објекти во комплекс, а во тоа време џамискиот комплекс има мектеб или училиште за мали деца, медреса или училиште во кое се едуцирале исламски свештеници, џамијата имала библиотека, посебно место за исповед или завие, а во комплексот имало ан или даира, места за храна и забава, гостилница за гости кои престојувале во џамијата Хаџибеј.
За џамијата сигурно има повеќе приказни, а јас знам две, вели Онур Аттар, градежен инженер од Анкара, кој во Битола секој ден е заедно со мајстори од Турција, стручни за изградба на џамии, ангажирани преку неговата фирма изведувач „Догуш 2000“.
– Првата приказна е поврзана со гостопримливоста на битолчани и почитта на овој народ кон верите. Кога џамијата била изградена, околу неа имало само дуќани за продавање риби или рибарници. Тоа било знак на почит од страна на локалното население и дуќанџиите кои одлучиле да не чуваат, ниту продаваат свинско месо, кое муслиманите не го употребуваат. Тоа го разбирам како голема почит кон муслиманите, а така е и денес, бидејќи џамијата е опкружена од многу продавници рибарници и затоа некои велат – џамијата кај рибарниците, а други ќе речат – рибарниците кај џамијата во Битола. Втората приказна за оваа џамија се врзува со периодот од Втората светска војна, кога џамијата е погодена со бомба и притоа еден дел од куполата е срушен, а предизвикани се и други штети. Но, она што е интересно и сакам да го знае јавноста е податокот дека кога почнавме со реконструкција на џамијата нашите екипи ја пронајдоа бомбата, остатоци од шрапнели и зрна, кои ќе ги чуваме во музејот на џамијата. Инаку, идејата за реставрација на џамијата почна по една посета на поранешниот директор на Генералната дирекција на вакуфите на Владата на Република Турција Аднан Ертем во Битола, кој се ангажираше час поскоро да се обнови овој објект, посочи Аттар.
Градежно-архитектонскиот зафат е во тек, а со средствата што ги обезбеди турската Влада, а ги реализира Генералниот директорат на вакафи од Турција, кои, патем речено, освен џамии, реставрираат и други објекти, амами, катедрали и цркви… ќе се врати првобитната состојба на џамијата под Ленски мост, крај реката Драгор во Битола.
– Џамијата беше многу оштетена, долго време се користела како магацински простор, многу дуќани кои биле градени и надградувани беа залепени на ѕидовите на џамијата. За да ја пронајдеме вистинската форма на градбата, за да дојдеме до тлото или основата на џамијата, копавме 1,5 метар во длабина и притоа беше отстранет насип со многу отпаден материјал. Влеговме и внатре во џамијата, на левата страна од тремот пронајдовме сочувано михрабие од 16 век, дел кој служи за клањање на верниците. Според нашите истражувања по првото поголемо оштетување на џамијата кое се случило во 17 век предизвикано од силен земјотрес, џамијата повторно е обновена за што сведочи михрабие што го откривме од десната страна на тремот и тоа датира од 18 век, ни појасни Фатих Максуд, архитект од Охрид.
Со новиот лик, џамијата Хаџи Махмуд-бег ќе има амфитеатрален дел за сечија употреба, ќе има можност за одржување културни настани, за социјализација на групи посетители, во дворот ќе има шадрван, објектот ќе биде понуден за туристички тури, џамијата ќе биде отворена за сите.
– Со реализација на предвидените конзерваторско-реставраторски работи и обнова на комплексот, покрај заштитната компонента, ќе се придонесе за враќање на првобитната функција на џамијата, заживување на просторот во тој дел од Старата чаршија во Битола, развој на културниот туризам и едукација на населението за вредностите на културното наследство. Конзерваторските работи ќе овозможат сочувување на архитектонските вредности, ќе биде изграден срушениот дел од минарето, над шерефето или балконот на минарето за што ќе се употребат сочувани оригинални декоративни тули во форма на саќе, вели Весна Кочанковска, градежен инженер, конзерватор советник во НУ Завод и музеј-Битола, чии екипи го вршат надзорот врз изведбените работи.
Мајсторите од Анкара деновиве ги отвораат сите заѕидани прозорци, се реставрираат ѕидовите со вградување геометриски правилни правоаголни касети, односно камени блокови врамени со тула во кои исклучиво се става речен камен. Влезот во џамијата ќе биде вратен на првобитната кота, односно на сега веќе откриени камени плочи, додека, пак, влезот во комплексот ќе биде од јужниот дел на џамијата, од страната на битолските рибарници.
Реконструкцијата на џамијата Хаџибеј треба да заврши следната година, а потоа ќе станат видливи за јавноста делот со живопис во венецот по куполата од северната страна, натписот над вратата, ќе биде реставриран михработ цетрален молитвен простор во џамијата, а во внатрешноста ќе биде поставен дрвен махвил, налик на балкон кој сега не постои, а ќе биде изработен од бел бор со ограда на скалите изработена од ореово дрво.
За време на нашата посета ги видовме откриените остатоци од минберот над кој има читлив оригинален натпис дешифриран од специјализирани стручни лица од Турција и на кој, како што ни прочитаа нашите домаќини, пишува: (ља иља хе ља ља) – „Никој не е поголем од Господ Бог“.