Привршува изведбата на сензорната соба за престој на деца со интелектуална попреченост и потешкотии на развојот во матичниот објект на градинката „Кочо Рацин" во Општина Центар.
Сензорната соба се изведува со помош на грантот добиен од Швајцарската агенција за развој и соработка и UNDP преку проектот „Зајакнување на капацитетите за социјална инклузија на детските градинки на Општина Центар". Вкупниот буџет на проектот е 1.540.000 денари, од кои 1.400.000 денари се наменети за опрема на трите сензорни соби и 140.000 денари за обука на стручниот и воспитен кадар.
Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ при извршениот увид на активностите информирал дека со проектот се опремуваат три сензорни соби, во секоја детска градинка во општината по една соба.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакнала дека овие три сензорни соби се опремени по сите меѓународни стандарди за работа со деца со интелектуална попреченост и потешкотии во развојот.
– Се работи за современ концепт кој вклучува низа активности потребни за развојот на оваа категорија на деца.За нас предучилишниот и раниот детски развој претставуваат приоритет број еден. Инклузивното предучилишно образование, треба да им помага на нашите најмлади граѓани понатаму да се развиваат и влезат во процесот на образование. Сензорната соба претставува инструмент, алатка во рацете на стручните работници и вработени во градинките, кои преку претходна обука можат да одговорат на потребите на децата, кои преку сензорната соба ќе ги развиваат своите сензорни способности, изјавила министерката Шахпаска.
Од опшинската прес-служба информираат дека во рамки на проектот реализирани се и обуки на стручниот и воспитниот кадар во градинките за работа со овие дечиња во сензорните соби, од страна на лиценцирани едукатори. Посочуваат дека активностите за подобрување на условите за престој на децата во општинските градинки продолжуваат и во овој период.