Нема обвинение за екс-генералниот секретар на Владата Драги Рашковски. „Падна“ пријавата за т.н. случај „Леонардо“ за наводна вмешаност на Рашковски во местење на тендер во М-НАВ, за што јавноста слушна и снимен разговор, бидејќи Обвинителството за организиран криминал и корупција така одлучило.

- ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ УТВРДИЛО ДЕКА М – НАВ АД СКОПЈЕ СКЛУЧИЛО ДОГОВОР ЗА ЗАЕМ БЕЗ ДРЖАВНА ГАРАНЦИЈА СО ЕВРОПСКАТА БАНКА ЗА ОБНОВА И РАЗВОЈ, А НЕ ПОСТАПКА ЗА ЈАВНА НАБАВКА ЗА НАБАВУВАЊЕ НА АТМ СИСТЕМ. НАДЛЕЖНИОТ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ОД ОБВИНИТЕЛСТВО ЗА ГОНЕЊЕ НА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА УТВРДИ ДЕКА НЕМА МЕСТО ЗА ЈАВНООБВИНИТЕЛСКО ПОСТАПУВАЊЕ И СО РЕШЕНИЕ ЈА ОТФРЛИ ПРИЈАВАТА, велат од обвинителството за Алфа.

Кога лани разговорот се појави на интернет веднаш се постави прашањето дали „бомбата“ ќе му пресуди на Рашковски. Премиерот Зоран заев тогаш рече дека прво ќе ги чуе разговорите и снимките а потоа ќе одлучува за судбината на Рашковски како генерален секретар.

-Јас таму видов дека се спомнуваат некои записници, што само по себе потврдува што е суштината на самите состаноци, но дозволете ми да ги видам аргументите, да ги видам снимките. Јас внимателно ја следам јавноста за сите овие постапки. Секако стојам на ставовите дека, како што реков, не треба никој што добил задача, чест и одговорност да извршува јавна функција или да биде сервис на граѓаните да биде, на некој начин, боксерска вреќа. Доколку некој се огрешил, има закони според кои ќе одговара но, има, и етички дел, „треба да се знае каде поминува границата или не - рече Заев лани. Откако стана извесно дека Рашковски веќе нема да ја извршува функцијата, се отвори дилемата дали казната ќе биде само разрешување или ќе одговара и кривично. За него обвинение сега нема, а во неговата фотеља седна потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зеќири.