По повод 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост денеска и утре ќе се одржи онлајн тркалезна маса насловена „Трансформирање на општеството: Заедница за сите“.
Како што најави Министерството за труд и социјална политика, воведни обраќања за потребите, постигнувањата и предизвиците поврзани со зајакнување на лицата со попреченост и нивната улога во општеството ќе имаат премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерката за образование и наука Мила Царовска, министерот за здравство Венко Филипче, шефот на Делегацијата на Европската Унија Дејвид Гир, претседателот на Националниот совет на инвалидските организации Томица Стојановски и постојаниот претставник на ОН Росана Дуџиак.
– Реформите во системот за социјалната заштита и процесот на деинституционализација ќе бидат во фокусот на дискусиите. Говорници ќе бидат претставници на граѓанскиот сектор, локалната самоуправа и Министерството за труд и социјална политика, се наведува во соопштението.
Настанот е организиран од Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Делегацијата на Европската Унија во земјава. Ко-организатори се Владата и Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
– Организацијата е поддржана од четири проекти за поддршка на деинституционализацијата, финансирани од Европската Унија: Проект за поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги (ЕПТИСА), „Заедно за повеќе можности и поддршка“ (ЦеПроСАРД), „Добивање живот – деинституционализација на корисниците на Специјалниот завод Демир Капија“ (ПИН) и Поддржано живеење во заедницата во Демир Капија, наведуваат од Министерството.