Бугарскиот окупатор е реалност, страшна и болна вистина за малкумината жители на селото Долгаец, каде во ноември 1915-тата година, на православниот празник „Св.Враче“, припрадници на тогашната окупаторска бугарска војска, потпомогнати од тројца арнаути, извршиле невиден масакр врз селаните. биле масовно убиени 195 жители од вкупно 450 колку што тогаш броело селото. Некои биле и живи палени, раскажува Душан Стојчески жител на селото Долгаец, за Алфа.

-Тогаш, овдека селото настрадало од бугарскиот окупатор. Овдека, позади мене се над 195 мои соселани, тогашни жители на селово кои што се на ѕверски начин убиени, заклани и овдека донесени. Имало и случка кога биле запалени куќи. Во куќите гореле и живи луѓе. Некои се обидувале да излегуваат низ прозорци и паѓале долу. А другите пак биле скриени во копи од царевка или сено и не смееле никако да помогнат во спасот на тие луѓе. Луѓето раскажуваат дека тоа е нешто невидено, дека таков злостор каков што го направиле Бугарите го нема и не може да се опише со зборови. И ден денес овие села: Долгаец, Маргари, Стровија…се носат со таа болка што ја имаат за своите предци кои што биле сите овдека заклани, вели Стојчески.

Денес Долгаец брои околу шеесетина, претежно возрасни жители. Тие не се согласуваат со политиките на актуелната власт и не прифаќаат дека Бугарите биле „администратори“ во Македонија, бидејќи, како што велат, ако било така, тогаш зошто, по нивното второ доаѓање за време на НОВ, истите тие „администратори“, веднаш го уништиле споменикот кој овде бил подигнат во спомен на жртвите од невидениот масакар, извршен 26 години пред тоа, токму од нивните војски?!