Бугарскиот весник „24 часа“ денеска информира дека според нивни дипломатски извори Данска и Холандија се двете земји кои се приклучија кон бугарското вето за Македонија.
Изворот на весникот тврди дека за Македонија нема големи спорни прашања освен бугарското вето додека постои консензус за неодобрување на преговарачката рамка за Албанија.
Откако Бугарија го блокираше почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, за време на состанокот на ниво на амбасадори во Брисел, прашањето повторно ќе биде отворено на 7-ми декември. За следниот ден е закажан Советот за општи работи, на кој повторно ќе се дискутира за процесот за преговори на Македонија.
Пред неколку дена пак, кога Заклучоците беа блокирани од страна на Бугарија и се бараше дополнување со историски пасус, Антонио Милошоски на својот фејсбук профил објави дека според негови дипломатски извори, покрај Бугарија, дополнително уште две европски земји застанале во нивна „одбрана“.