Иако претставниците на власта, синхронизирано, информираа во медиумите дека „Пошта“ е еден од загубарите и е терет за државниот буџет а поради тоа се планира нејзина приватизација, сепак новоназначениот директор Јани Макрадули како да ги демантира и премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Пошта“ веќе неколку години наназад е на удар на јавноста дека е претворена во институција за згрижување на партиски кадри. Дополнително, последниот ревизорски извештај обелоденува дека, иако во оваа компанија што е во раце на државата, се трупале загуби а сепак менаџментот си обезбедувал бонуси. Според податоци на последниот ревизорскиот извештај компанијата има загуба од околу 10 милиони евра.

Уште еден удар за „Пошта“ беше и затворањето на Еуростандард банка, преку која одеше платниот промет. Околу 20 проценти од приходите на „Пошта“ доаѓале од платниот промет кој сега е замрен по смртта на Еуростандард. „Пошта“ имаше мрежа на експозитури голема колку сите банки заедно.

Па како прва работна задача на Јани Макрадули откако седна во директорското столче е вработување на 280 лица во ова државно претпријатие и тоа на неопределено време.

Во огласот може да се забележи на кои места колку извршители ќе се вработуваат и се наведуваат критериуми кои треба да ги исполнува еден иден вработен таму. А, нето плата изнесува 17.656 денари. Новиот директор во ек на криза кога другите вработени во „Пошта“ немаат плата тој се дрзнува да вработува партиски војници.