Ако се оствари тоа изнајмување викендици што се нудат по огласите, и највеќе младите се залетаат, ќе има уште повисока бројка на новозаразени и здравствениот систем нема да издржи, вели за Алфа доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија.

-Секој ден ако отворите огласи има изнајмуваме викендици, бараме викендоца и тн, младите бараат издувен вентил, но ако сакаме идното лето да се опуштиме како луѓе, да ги прерипаме сите овие слави што се пред нас, новогодишни и божиќни празници, секој нека остане во кругот на фамилијата или пак за младите со една до две особи со кои би сакале да ја дочекаат Новата година. Секое зголемување на бројката од оваа што ја имаме денеска мислам дека едноставно не ќе може ни физички ни просторно да се издржи. Голем дел од медицинскиот персонал, покрај заморот исто така е заболен, е вон строј, така што мислам дека реално капацитетите ни се тука, вели Беќаровски.

Од стартот на пандемијата Клиниката за токсикологија е тријажен центар низ кој минуваат ургентните случаи. Дневно, екипите на Итната помош им носат по 20-тина пациенти во животозагрозувачка состојба. Оние кај кои брзиот тест ќе покаже позитивен резултат се хоспитализираат на Инфективна или на Неврологија. Останатите според видот на болеста, се транспортираат на другите клиники.