Премиерот - гарантор дека Македонија доби датум за почеток на преговорите, се откажа од неговата позиција. Најпрво ја убедуваше јавноста преку НАТО и ЕУ фестивали дека датумот е дефиниран, за по речиси една година практично, индиректно да признае дека излажал. Еве ги хронолошки „добивањата“ на датум:

-Во авион штотуку примив одлична вест… Република Македонија доби датум за старт на преговори за членство во ЕУ!, се пофали Заев од авион на 26 јуни 2018 година.

-Скрининг процес почнува на 17 јули овде во Македонија. Тоа е доказ дека Македонија доби датум за преговори, доказ е дека Европскиот Совет никогаш повеќе нема да се навраќа да утврдува датум за преговори, изјави Заев во Собранието на 02.07.2018.

Една година подоцна, во 2019-та „добиениот датум“ се користеше и во предизборна кампања.

-Прво во Шуто Оризари сакам да ја споделам убавата вест. Пред неколку часа се вратив од Берлин. Нашата заедничка земја конечно отвора поглавја, почнува да преговара, велеше Заев во кампања на 30 април лани.

Претходно, се заколна во душата на неговите предци рече дека никогаш нема да си дозволи да допре по Уставот заради промена на уставното име. Но откако се спроведе токму спротивното од прес центарот на Владата изјави:

-Да живее Република Северна Македонија!

На опозицијата и порачуваше дека може „да си пукне од мака ако сака што не го решила ова прашање“, но сега е проблемот што и неговото решение не постои. Ќе има ли одговорност? Денеска во очи на уште едно официјално вето ќе остане запаметено интервјуто на премиерот на БГнес, во кое се обиде да се откаже и од уште неколку клучни македонски историски и идентитетски фрагменти, со цел да ги натера Бугарите да се премислат. Но, освен шегите на наша и негова сметка од бугарската јавност и гневот кај македонската, нема промена на бугарскиот став се додека ние- Македонците, не се самооткажеме и самоукинеме.