На настан на Државната комисија за спречување на корупцијата, кој се одржа по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата, Маричиќ најави дека очекува Методологијата за прочистување на судството и обвинителството на 28 декември очекува да биде одобрена од Советот за реформи во правосудството.
- Со моето доаѓање во Министерството за правда најавив дека за неколку месеци ќе објавиме методологија според која ќе се филтрира судството и обвинителството. Изработката на оваа методологија можам да кажам дека е во завршна фаза иако пандемијата малку не забави, но процесот е на крај, очекувам до крајот на годината таа да биде усогласена со Судскиот совет и Советот на Јавните обвинители, а исто така на 28 декември оваа година да биде одобрена од Советот за реформи во правосудството.
На крајот на своето денешно обраќање, Маричиќ изрази надеж дека ќе успееме преку механизмите на ЕУ што поскоро да го деблокираме почетокот на преговори за членство.
- Ве уверувам дека тоа ќе биде значајно гориво, значајна поддршка на нашите институции за подобра работа, поефикасно постапување и повеќе успеси бидејќи навистина е фрустрирачки 16 години да чекаме во чекалната за почеток на преговорите. Спремни сме и заслужуваме да ги започнеме преговорите, потенцираше Маричиќ.