Со голема радост и широко срце може да констатирам дека македонското општество е обединето околу прашањето за признавање на нашата автокефалија.
Православниот народ во Македонија веќе многу децении чека и се бори за прифаќање од своите православни браќа, ширум светот, во семејството на помесните православни цркви. Мислам дека досега во историјата ниедна друга помесна православна црква не се наоѓала во толку сурова и долготрајна изолација како што е тоа случај со нашата, вели владиката Партениј за украинска „Религијна правда", што всушност е и прво интервју на великостојник од МПЦ-ОА за украински медиум.
Затоа, додава, најголемиот дел од православното население кај нас со силна желба и нетрпение го очекува Томосот за автокефалност на својата матична Црква, МПЦ-Охридска Архиепископија.
– Тоа беше причината и нашиот државен врв да упати молби, сосема исправно до Вселенската Патријаршија, што е врховната инстанца во православниот свет и единствена го има правото на апелација во случај на некаков спор, како и правото за доделување на автокефалност. Впрочем, Вселенската Патријаршија ги доделила томосите за автокефалност на сите нови цркви, почнувајќи од руската, па сѐ до полската, односно во најновиот случај – украинската, нагласува владиката Партениј.
Тој смета дека одлуките на Вселенската Патријаршија во однос на автокефалиите треба да бидат почитувани од сите.
– Бидејќи во спротивно се нарушува кохезијата меѓу помесните православни Цркви и на тој начин доаѓаме до разни варијации на Православието, што воопшто не е во духот на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Зашто и Господ Исус Христос во Евангелието вели: „Секое царство ако е поделено само против себе, запустува, и дом кој е поделен сам против себе, пропаѓа" (Лука, 11,17). Автокефалноста не значи буквална независност и самодоволност, ами заемна зависност на членовите во едното Тело Христово. Во контекст на ова, искрено се надевам дека Вселенската Патријаршија ќе го примени и во однос на нашата помесна православна Црква, МПЦ-ОА, своето право да прима апелација и да дава томос за автокефалност, вели владиката Партениј.
Би нагласил, додава, дека ние немаме никаков проблем ниту непријателство кон братскиот православен српски народ и кон неговата црква во Република Србија. Напротив, нашата љубов кон нив е подеднаква како и кон секој човек, а особено како кон христијани, и МПЦ-ОА повеќе пати побарала преговори со СПЦ за конечно решение на нашето прашање преку Цариград, но од нивна страна имало молк.
– Сега, искрено се надеваме дека новиот српски патријарх ќе постапи во духот на евангелската љубов и ќе го поздрави расположението на Вселенската Патријаршија за доделување на автокефален Томос на нашата Црква. Впрочем, Цариград беше адресата каде што СПЦ и нè упатуваше во минатото кога имаше преговори. Со тоа новиот Патријарх ќе отвори нова страница на братски односи на нашите сестрински цркви и ќе се нарече миротворец, упатувајќи ја т.н. ПОА да се помири со официјалната матична помесна православна Црква, МПЦ -Охридската Архиепископија. Крајно време е да се престане со уцени, интриги и притисоци и да се започне веќе еднаш со Христовото: „да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе" (Јован 13,34-35), наведува владиката.
Тој одговара и на прашањето за тоа кој ги поседува главните светилишта, манастири, цркви во Македонија.
– Во Македонија огромното мнозинство православно население, без разлика на неговата етничка припадност, за своја единствена и канонска Црква ја прифаќа МПЦ – Охридска Архиепископија, којашто практично ги поседува сите светилишта, храмови и манастири, додека клирот на неуспешниот проект „Српска црква" во Македонија, кој има многу мал број приврзаници, не повеќе од педесетина, служи во некои приватни имоти и финансиски се издржува со помош на Министерството за вера на Република Србија. Згора на тоа, свештената јерархија на МПЦ-ОА ја има поддршката од сите општествени, политички, културни и научни субјекти во нашата земја. Тука би нагласил дека кога беше обидот за создавање на паралелна црковна јерархија под српска јурисдикција, т.е. кога поранешниот Повардарски митрополит г. Јован Вранишковски се одѕва на повикот на Српската Црква и го прифати нацрт-договорот од Ниш – којшто, патем, беше само предлог за договор кој никогаш не беше изгласан од нашиот Синод – македонските власти, како правна држава, му пружија заштита на одметнатиот митрополит Јован од разгневениот народ, кој во никој случај не прифаќаше создавање на српски црковен егзархат, и на тој начин не дозволија ситуацијата да ескалира во нешто пострашно. Така, уште од самиот почеток се виде дека овој политички проект на српската црква нема да успее, рече владиката Партениј.
Исто така оценува дека „во рамките на нашата црква, духовниот живот, за слава Божја, е во подем, иако можеби не со посакуваниот интензитет".
– Радува тоа што извесен процент од младината, незадоволен од суетата, апсурдот и меланхолијата што ги нуди современиот свет, барајќи излез од него, ги наоѓа патот и одговорот во единствениот вистински добротвор на човештвото – Спасителот Христос. Преобразувачката енергија присутна во полнота во православната Црква, таа несфатлива Божја љубов е единствената движечка сила што вистински ги успокојува душите, го радува внатрешниот човек и му дава животни и творечки сили. Ваквиот магнетизам, пренесен од совесниот клир на МПЦ – Охридска Архиепископија и особено од монаштвото, прави многу млади да ја засакаат Црквата и да разберат дека само во неа можат да ги најдат посакуваниот одговор и вистинската смисла на животот, оценува владката.
Во интервјуто владиката Партениј меѓу другото се задржува и на илјадагодишниот јубилеј на Бигорскиот манастир, чиј игумен е, а што се одбележа годинава