Премиерот Зоран Заев денеска имаше средба со Димитрис Јанакакис, амбасадор на Република Грција, кој го завршува својот мандат во нашата држава, на која му се заблагодари за неговиот конструктивен придонес во Договорот од Преспа, како и за искрените заложби за унапредување на односите помеѓу двете држави и народи.
Како што информира владината прес-служба, заеднички е констатирано дека политичката волја за изнаоѓање решенија е европски начин на однесување и придобивките се заемни: бенефити во квалитетот на живот на граѓаните на двете држави, како и стабилност и просперитет. На состанокот е изразена поддршка за пристапниот процес на Република Северна Македонија кон Европската Унија.
– Активно продолжуваме со реформските процеси дома и со политиките на дијалог, пријателство и добри односи со соседите, бидејќи нашата иднина е европска. Благодариме за поддршката од Република Грција и во реализацијата на оваа стратешка цел за нашата држава, рече премиерот Заев. Во соопштението прес-службата на Владата наведува дека на средбата е разговарано за унапредувањето на економската соработка, преку поголема соработка на стопанските комори, во делот на инфраструктурата, за меѓуграничните олеснувања на движењето на граѓаните. Констатирано е дека продолжува соработката на двете држави и во време на пандемијата и се гледаат големи можности за нејзино интензивирање во сите области