Зоран Башановиќ, поранешниот советник на Зоран Заев, преку смс пораки директно ургирал кај премиерот да и помогне на обвинетата Јасна Мандиќ да не ја однесат во затвор.
Ова го покажаа пораките кои беа презентирани на денешното судско рочиште за случајот „Меѓународен сојуз“ или во јавноста познат како „Рекет 2“.
„Те молам само да не оди во затвор (притвор). Полицијата е моментално кај неа дома, па ако можеш да средиш да не ја однесат“, напишал Башановиќ во пораката до Зоран Заев.
На тоа премиерот му одговорил: „Тоа зависи од судот и обвинителството, но ќе видам што можам да направам“.
Откако беа прочитани во судницата, обвинетата Мандиќ рече дека коректно е да се каже дека пораките кои се презентираат биле помеѓу Башановиќ и Заев, а Башановиќ и ги препратил неа за да ги прочита.
Попладнево пак, порталот Курир.мк објави дополнителни детали во кои велат дека порталот дошол до продолжение на оваа комуникација, односно и до други пораки кои биле испратени помеѓу Башановиќ и Заев.
- Полициските службеници биле во домот на Јасна Мандиќ, при што побарала ургенција кај Заев преку Башановиќ, на што Башановиќ побарал помош за Мандиќ директно од Зоран Заев. На тоа Заев вели „Јас ќе замолам во ЈО и Суд да доделат полесна мерка, да не биде затвор”, при што вели дека ќе провери што е работата. Веднаш потоа, му пишува на Башановиќ „Другар, има докази за Јасна ми кажуваат. Но ќе се обидам да не е притвор”, за на крај да му се обрати со порака „Нема да оди во притвор”, при што Мандиќ тогаш не отиде во затворска притвор, туку доби полесна мерка, домашен притвор, објави Курир.мк