Една тешка година оставаме позади нас поради корона кризата што го зафати целиот свет, но Министерството за локална самоуправа не застана во спроведувањето на планираните активности, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски на годишната он-лајн конференција на УНДП, „По Ковид-19 градиме отпорни локални самоуправи“.

– Иако и кризата и парламентарните избори се одразија на динамиката, сепак клучните проекти се реализираат во континуитет, со голема поддршка од нашите партнери, Амбасадата на Швајцарија, УНДП и Делегацијата на Европската Унија, потенцираше тој.

Според него, она што е најзначајно е дека Министерството подготви нова десетгодишна Стратегија за регионален развој како и нов Закон за рамномерен регионален развој. Исто така, отпочната е подготовката на Програмите за развој во сите осум плански региони.

– Имплементираме 26 проекти за развој на планските региони во вкупна вредност од 321.580.000 денари, 18 проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби во вредност од 36.000.000 денари и 14 проекти за развој на селата во вредност од 15.460.000 денари, сите финансирани со средства од Буџетот на државата. Реализирани се 8 инвестициски проекти, во секој плански регион по еден, во вкупна вредност од 1.131.000 швајцарски франци и 8 иновативни проекти, во вредност од 341.000 швајцарски франци, со поддршка на швајцарската Влада, истакна Милевски.

Според него, во новиот мандат Владата пристапува кон реализација на заложбите за целосно подобрување на функционалноста на системот на локалната самоуправа, подобрување на финансиската стабилност и самостојност на општините со воведување на систем за воедначување, како поддршка на помалите и посиромашни општини и систем за перформанси или наградување на поуспешните, пренесување на нови надлежности за кои што се создадени услови за нивно ефикасно спроведување, подобрување на локалните административни услуги преку поголема дигитализација, како и за подобрување на комуналните услуги преку поголемо инвестирање во комуналната инфраструктура и подобрување на функционалноста на јавните комунални претпријатија.

Се работи, рече тој, и на подобрување на социјалните услуги преку редефинирање на блок дотациите, создавање услови за подинамичен локален економски развој, преку зајакнување на капацитетите за интегрирано планирање, проектирање и спроведување проекти, попрецизно дефинирање и зајакнување на улогата на општините во одговорот на кризи, како и подобрување на транспарентноста, отчетноста и поголема вклученост на граѓаните, затоа што локалната демократија е столбот на локалната самоуправа.

Милевски потсети дека е објавен третиот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија во вкупна вредност од 4.930.000 евра. Во рамките на оваа ИПА Програма досега се реализирани 14 проекти во вкупна вредност од околу шест милиони евра. Од страна на Делегацијата на ЕУ е објавен јавен повик за проекти “ЕУ за општините”, во вредност од пет милиони евра. Националното кофинансирање на проектите ќе се реализира преку Министерството за локална самоуправа, за што веќе се планирани средства во Буџетот за наредната година.

– Годината ја завршуваме со нова Програма за локален развој и децентрализација 2021-2026 година. Подготовката е отпочната со поддршка на УНДП и Програмата треба да биде завршена до крајот на месецот. Во јануари ќе се подготвува и Акцискиот план. Уште во претходниот мандат Владата искажа политичка подготвеност за продолжување на процесот на децентрализација и финансиско консолидирање на општините. Да не беа гореспоменатите околности, убеден сум дека многу од планираните заложби веќе ќе беа реализирани, рече Милевски.

Според него сите овие заложби ќе бидат операционализирани во новата Програма и во Акцискиот план. И во подготовката и во имплементацијата е неопходна вклученост на сите надлежни министерства, ЗЕЛС, општините и Градот Скопје, многу институции, граѓанскиот и бизнис секторот.

-Врз основа на изразената политичка волја на Владата, поддршката од донаторската заедница и секогаш конструктивната соработка со ЗЕЛС и со општините, убеден сум дека ќе направиме суштински промени. Владата останува на определбата за европеизација на државата, а тоа го правиме со подобрување на условите за живеење за секој граѓанин, преку праведна распределба на јавните финансии за сите општини и еднаков пристап до подобри јавни услуги за сите граѓани, рече Милевски.

Денеска во Скопје се одржа четвртата по ред годишна конференција за децентрализација и локално управување насловена „По КОВИД-19: Градиме отпорни локални самоуправи“, организирана во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“ кој е финансиски поддржан од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) а се имплементира од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). На конференцијата се презентираа наодите од полугодишниот Извештај за финансирањето на општините во првата половина од 2020 год., и Интегралниот извештај за одговорот на општинскиот систем за управување со кризи на КОВИД-19 пандемијата и нејзиното влијание врз локалните услуги. Истовремено, во рамки на конференцијата беше презентирана и интерактивната онлајн алатка за следење на социоекономското влијание на КОВИД-19 во земјата.