Премиерот Зоран Заев денеска имаше средба со претседателите и претставници на сите партии членки на владината коалиција, на која беше изразена посветеноста на реформите во интерес на сите граѓани и реализирање на зацртаните цели во владината Програмата и искажана силна поддршка за продолжување на напорите за изнаоѓање решенија во однос на бугарското вето, со цел земјата да продолжи по европскиот пат.
Како што соопшти владината Прес-служба, на средбата премиерот Заев им упати благодарност на коалициските партнери за нивниот придонес во Владата и во Собранието, во интерес на граѓаните и иднината на државата, но и во процесот на креирање политики за помош на граѓаните и стопанството, особено во периодот со Ковид пандемијата.
– Завршувањето на стоте дена од мандатот и крајот на годината е убава прилика да се состанеме, да разговараме за сето она што го постигнавме како владина коалиција и парламентарно мнозинство, но и да разговараме за идните чекори врз основа на довербата дадена од граѓаните. Да зборуваме и за плановите за наредната година, истакна премиерот Заев на средбата.
Како што се наведува во соопштението, коалициските партии во Владата на средбата разговараа за сите економски планови и проекти, за реализација на мерките за заживување на економијата, како и за проектите кои следуваат за реализација во наредната 2021 година.
– Остануваме посветени на барањето решение со соседна Бугарија. Решение кое гарантира почеток на преговори со ЕУ, а никако не задира во македонскиот идентитет, ниту идентитетот на било кој народ или етничка заедница. Тука сметаме и на силната поддршка на нашите сојузници во ЕУ, особено Германија, како и САД кои се посветени нашата држава да продолжи по европскиот пат и почнување на преговорите со Унијата. Во оваа прилика уште еднаш сакам да потенцирам, бидејќи ова е една широка, мултиетничка коалиција, мене како премиер но пред сé како човек, многу ми значи поддршката од сите, од вашата поддршка но и поддршката буквално сите етнички заедници, претставени од партиите во оваа наша коалиција, потенцира премиерот Заев.
Сите коалициски партнери ја поддржале определбата на Владата за продолжување на реформите и постигнување на европските стандарди дома, кои обезбедуваат унапредување на судскиот систем, раст и развој на економијата и повисок животен стандард.
– Тоа е потврдено и со Буџетот предвиден за 2021 година кој обезбедува економско закрепнување, реализација на капиталните инвестиции, справување со коронавирусот, како и засилена динамика на спроведување на потребните реформи во секој сегмент во општеството во интерес на сите граѓани, се додава во соопштението од средбата на премиерот Заев со коалициските партнери.