Државната изборна комисија, доцна синојќа ги објави конечните резултатите од предвремените локални избори за Градоначалник на Штип.

Според податоците на ДИК, од вкупната бројка на запишани гласачи - 41.777 - на гласање излегле 14.528 граѓани, односно 34,78% од вкупниот број на гласачи и само 1,48% повеќе од потребниот законски минимум за успешни избори.

Од граѓаните кои гласале, кандидатот на СДСМ Сашко Николов доби 11.668 гласа или 80,31% од гласовите, кандидатот на Интегра Симон Поликарп познат како Џими доби 1.198 гласа или 8,25% од гласовите, 824 гласови или 5,67% биле неважечки, 1,95% односно 284 гласа доби кандидатот на ТМРО Лазар Наумов, независниот кандидат Трајчо Митев доби еден глас помалку од противкандатитот на ТМРО, односно 283 гласа или 1,95% од гласовите а Гоце Анѓелов од новата коалиција „Иднината во наши раце“, составена од партиите Демократи и Македонска обединителна реформска организација-Работничка партија доби 271 глас или 1,87% од вкупниот број на гласачи.

Оттука, според резултатите евидентно е дека новиот градоначалник на Штип, Сашко Николов ќе управува со локалната самоуправа во наредните девет месеци со само 27,9% поддршка од вкупниот број на гласачи во Штип.