„Празнувај одговорно!“, е насловот на кампањата на Владата, во пресрет на новогодишните и божикните празници. Премиерот Зоран Заев, промовирајќи ја кампањата на денешната прес- конференција истакна дека секој од нас е повикан да се однесува одговорно за време на празниците да не се предизвика нов бран на Ковид-19.

– Ситуацијата налага акција и ние како одговорна Влада на која здравјето на граѓаните и е во прв план, токму затоа ги преземаме овие дополнителни рестриктивни мерки за време на верските и новогодишните празници, за кои Комисијата за заразни болести, навремено реагираше. Апелирам оваа година одговорно да празнуваме. Ова е време кога треба да одбележиме, а не да славиме, рече Заев.

Тој потенцира дека секој од нас е повикан да биде одговорен за да не се предизвика нов бран на епидемијата, токму сега кога пред нас е вакцинацијата, по која целиот свет би требало да се врати во нормала.

– Апелирам да се издигнеме над постоечкиот личен интерес. Знам дека мерките кои ги усвоивме не се популарни. Но, нашиот и вашиот избор е ставен меѓу поединечниот и краткотраен интерес за време на новогодишните и божикните празници и конечниот излез од заканата од Ковид-19. Овој пат мораме да избереме меѓу задоволството и профитот од една страна и одговорноста и здравјето од друга страна, подвлече премиерот.

Тој потсети дека досега не изостанала помошта од Владата за најзагрозените сектори, вклучувајќи го и угостителството.

– Само преку мерката финансиска поддршка за исплата на плати, поддржани се околу 200.000 вработени граѓани, вклучувајќи ги и оние во угостителството и туризмот. Со бескаматни кредити од Развојната банка во стопанството се вложени финансиски средства од 13,5 милиони евра кои се доделени на околу 1400 компании со 18.000 вработени во најпогодените сектори. Дополнително за приватниот сектор од Развојната банка се ставени 50 милиони, истакна Заев.