Тешки зборови упати Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кон неговиот колега, сопартиец и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
При гостувањето на Сител Телевизија, на прашање на новинарот во врска со критиките за потрошените енормни суми за украсување на градот Скопје, во услови на пандемија и економска криза а за разлика од него Градоначалникот на Куманово, Димитриевски, средствата ги пренамени за купување на компјутери за деца кои имаа потешкотии да го следат образовниот процес, градскиот татко истакна дека градот е украсен бидејќи на време биле обезбедени технички помагала за сите ученици од средните училишта за следење на онлајн наставата.
-Ние обезбедивме 548 средства за електронска комуникација со цел дечињата да можат да присуствуваат на наставата. Зборувам за средните училишта, што се директна ингеренција на Град Скопје. Во преку 70 домаќинства, уште во септември овозможивме технички услови да добијат поквалитетен интернет во својот дом со цел да ја следат наставата. Имаме 68 дечиња кои согласно препораките на МОН на писмен ја следат наставата зашто не постои техничка можност да им обезбедиме интернет, вели Шилегов.
Но откако образложи какви средства обезбедил Градот арогантно и во негов стил ја коментираше работата на Димитриевски.
-Тоа што некои градоначалници беа неспособни да тоа го обезбедат во текот на септември, и сега се кријат во популизмот, па макар биле и мои сопартијци, сега глумат лудило пред сопствената јавност дека обезбедиме компјутери, затоа не китиме. Не, тоа е неспособност на дотичниот градоначалник да ги обезбеди компјутерите на време, рече Шилегов, мислејќи на кумановскиот колега, Максим Димитриевски.