Синтагмата „заедничка историја“, која не е дефинирана во самиот Договор за пријателство, се претвори во една од главните пречки во работата на Комисијата, пред сѐ, поради едностраното толкување, дека всушност таа означува историја на еден народ, односно на бугарскиот, започнувајќи од IX век па сѐ до 1944 година. Таквото толкување е неодржливо и неприфатливо, и затоа е потребна отворена дискусија со цел да се разјасни нејзиното толкување и значење кое не може да биде надвор од рамките на современите пристапи за проучувањето на минатото.
Ова го истакнува претседателот на македонскиот тим во заедничката Комисија за историски и образовни прашања, Комисија, Драги Ѓоргиев во интервју за Дојче веле. Коментирајќи ги обвинувањата од бугарскиот колега Ангел Димитров дека македонскиот дел од Комисијата не го прифаќа билатералниот Договор, во делот кој ја формулира работата на Комисијата, односно дека се прават „опструкции и замена на тези” и отфрлање на дефиницијата „заедничка историја“, Ѓоргиев вели дека зачестеноста на ваквите обвинувања прераснува во практика која континуирано ја нарушува меѓусебната доверба.
-За жал веќе подолго време обвинувањата се дел од секоја изјава на нашите бугарски колеги и тоа веќе прераснува во една практика која континуирано ја нарушува меѓусебната доверба. Доколку не се постигне прогрес во работата вината целосно се префрла на македонската страна, што само покажува еден исклучив пристап со однапред определена цел: наметнување на еден наратив врз друг. Притоа отсуствува пристап во согласност со позитивните европски искуства, кој ќе овозможи рамноправна дискусија со обид да се разбере соговорникот од другата страна, вели Ѓоргиев.
Запрашан дали им прави проблем во работата, тоа што политичари од двете земји го употребуваат терминот „заедничка историја”, тој посочува дека лично нема проблем во однос на тоа и оти тој термин може да се употребува, не само во однос на минатото на Македонија и Бугарија, туку во однос и на други народи на Балканот и пошироко.
-Многу народи во одредени историски периоди имаат заеднички и испреплетени истории со своите најблиски соседи. Таков пример имаме со народите во рамките на поранешната СФРЈ, кои имаат заедничка историја повеќе од четири децении, но се разбира во политичка, социјална, економска, културолошка смисла. Таков пример е и актуелната ЕУ, вели Ѓоргиев..
Според него, периодот на османлиска доминација може да се смета за период на заедничка историја на многу народи кои влегуваа во состав на Османлиската Империја. Елементи на заедничка историја, вели, може да се најдат и во периодот кога Бугарија како кнежевство (1878 г.) се одвојува од османлиската држава, а Македонија останува во османлиските граници.
-Функционирањето на бугарски институции (егзархиски школи и цркви) на територијата на османлиска Македонија во кои работеле и преку кои дејствувале македонски револуционери, влијанието на бугарското национално револуционерно движење, и не само на бугарското врз македонското, помошта на бугарската држава на македонското население, на пример, во поилинденскиот период, револуционерната организација и слично, даваат простор за користење на оваа синтагма. Но, ќе повторам, синтагмата „заедничка историја“ треба да се користи како концепт кој ги отсликува историските процеси, меѓусебните контакти и влијанија меѓу нациите и други групи и заедници и со кои навистина ќе ги приближиме нашите наративи и сфаќања за минатото, а не да ја користиме за вулгарна политичка алатка за докажување на „историски вистини“ и давање легитимност на митологизирани претстави за нашето минато преку призмата на сегашноста, вели претседетлот на македонскиот тим во Комисијата за историски и образовни прашања..