Претседателот на македонската комисија за историски прашања Драѓи Ѓеоргиев во интервју за Дојче веле вели дека несогласувањата со терминот „македонски“ од страна на неговите бугарски колеги започнало уште во октомври месец минатата година.
Вели дека за несогласувања од бугарска страна за употреба на придавката „македонски“, што тој ја посочи по последната средба на Комисијата, тој оценува дека произлегуваат од селективната примена на Преспанскиот договор и на Договорот меѓу Бугарија и Република Македонија од 1999 година.
-Бугарските колеги селективно ги користат Преспанскиот договор и Договорот меѓу Р Македонија и Бугарија од 1999 година. Така, кога станува збор за тела и органи основани од државата, како што е нашата Комисија, повикувајќи се на Преспанскиот договор, тие не ги прифаќаат формулациите „македонските колеги од Комисијата“, туку „колегите од Комисијата на РСМ“. Или, во однос на учебниците кои се финансирани од државата, наместо „македонски учебници“ се инсистира на „учебници на РСМ“, и слично. Од друга страна, пак, во однос на македонскиот јазик го игнорираат Преспанскиот договор, и се повикуваат на Договорот од 1999 година каде тој е „македонски јазик во согласност со Уставот“ или „официјален јазик на РСМ“. Ваквата практика во работата на Комисијата е воведена некаде од октомври 2019 година, додека претходно немаше никакви проблеми околу тоа.
Според него, иако постои тенденција за избегнување на придавката во однос на историската терминологија, тоа, вели, не е возможно, а придавката останува присутна и кога во записникот директно се пренесуваат исказите на дискутантите.
Главниот проблем што изостанаа резултати на последната средба на Комисијата, според него се големите разлики во пристапот кон толкувањето на историските процеси, настани и личности и пристапот кон сфаќањето и правењето на препораки за учебниците.
-Присутна е тенденцијата бугарските забелешки кон македонските учебници да бидат конкретизирани во духот на нивниот наратив и тој да биде наметнат како единствен. Тоа особено дојде до израз во дебатата за Цар Самуил, наспроти нашиот пристап на мултиперспективност, кој овозможува на учениците да развијат критичко мислење. Се разбира, тоа важи за настани каде мултиперспективноста може да се примени, вели Ѓоргиев.
За тоа каква е нашата перцепција за цар Самуил и за критиките од бугарска страна за содржините во нашите учебници во однос на Цар Самуил, глаголицата, Кирил и Методиј…Ѓоргиев е дециден дека има простор за подобрување и на македонските и на бугарските учебници по историја.
-Не би можел во рамките на овој ограничен простор да дадам одговор на темите поставени во прашањето, но би сакал да истакнам дека и во македонските и во бугарските историски учебници има простор за подобрување. Јас би бил задоволен доколку работата на Комисијата резултира со правење на нови учебници по историја во нашата држава, не затоа што тоа го бара Бугарија, туку затоа што навистина има потреба од нивно подобрување, нагласува тој.
Ѓоргиев смета и дека без оглед на несогласувањата во досегашната работа на Комисијата таа треба да продолжи да работи.
-Без оглед на сите несогласувања, прекинувањето на разговорите само уште повеќе ќе ги зголеми длабоките недоразбирања. Поради тоа сметам дека разговорите треба да продолжат. Всушност, дебатите кои се отворија во двете општества за теми, за кои до пред неколку години воопшто не се зборуваше, и во кои се вклучија и други експерти и интелектуалци, се еден од позитивните резултати од работата на Комисијата. Без оглед што понекогаш тие се исполнети со силни емоции и страсти, мислам дека тоа е добро за двете општества, заклучува претседателот на македонскиот тим во заедничката Комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев.