Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и државната секретарка Магдалена Нестороска денеска учествуваа на 20. состанок на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска сорботка на Југоисточна Европа, што се одржа онлајн. Состанокот беше организиран во рамките на тековното претседавање на Република Хрватска со Конвенцијата за полициска соработка на ЈИЕ и Секретаријатот на оваа Конвенција. На настанот, покрај нашата земја, учествуваа високи делегаци од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Словенија, соопшти Министерството за внатрешни работи.

-Би сакал да ја поздравам заложбата на Европската комисија за креирање на нов сеопфатен европски пристап во однос на миграцијата, презентиран во Новиот пакт за миграции и азил, кој има за цел да обезбеди поголема доверба, како и рамнотежа помеѓу одговорноста и солидарноста. Се надевам дека новиот Пакт за миграции и азил ќе биде основа за една долгорочна миграциона политика, која ќе ги инкорпорира европските вредности во системот за управување со миграцијата, но ќе придонесе и за надминување на недостатоците кои беа детектирани во изминатиот период, истакна Спасовски.

Министерот Спасовски, исто така, нагласи дека Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа е докажан повеќегодишен ефикасен инструмент за воспоставување и практична имплементација на повеќе различни форми на полициска соработка, со директен придонес во зајакнувањето на безбедноста во регионот.

-Втор револуционерен документ кој е производ на работата во рамки на Конвенцијата е успешната приказна наречена Договор за автоматизирана размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила, таканаречениот мини-Прум Договор, со кој се воспостави правна рамка за интегрирана и координирана оперативна соработка меѓу земјите потписнички, посочи Спасовски.

Министерот оцени дека помошта која ЕУ и партнерските земји ја даваат за поефикасно справување со мигрантската криза, но и за јакнење на капацитетите за гранично управување, гледано во целост е огромна.

Спасовски, стои во соопштението, истакна дека преку инструментите на ЕУ и преку нејзините агенции, како и преку директна билатерална соработка со повеќе земји-членки на ЕУ, овозможена е значителна поддршка во техничка опрема, обука на персонал и јакнење на системските капацитети.

Тој додаде дека за успешно справување со моменталната состојба, потребно е да се изнајде модалитет кој ќе овозможи гранично управување на долг рок, согласно Европскиот концепт за интегрирано гранично управување, а кој ќе вклучува активности со моментален и видлив ефект врз миграцискиот притисок