„Како до ефикасни и независни инспекциски служби во општините“ е насловена онлајн дебатата во Вардарскиот плански регион во организација на НВО Инфоцентарот, посветена на ефикасноста и независноста на инспекциските служби на локално ниво.

Дебатата, како што е најавено, во својство на претседател на Советот за развој на Вардарскиот плански регион ќе ја отвори градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Се очекува на дебатата да учествуваат градоначалниците, локалните инспектори и други претставници од општините Велес, Свети Николе, Лозово, Чашка, Градско, Росоман, Неготино, Кавадарци и Демир Капија.

На дебатата ќе се дискутира за постојните проблеми во работата на инспекциските служби во општините, (не)функционирањето на меѓуопштинските договори за инспекциски надзор, можните начини за надминување на постојните проблеми, дали и каков модел на организација може да ја зголеми ефикасноста и независноста на инспекцискиот надзор.

Извршната директорка на НВО Инфоцентарот, Билјана Бејкова ќе ги презентира клучните наоди од мапирањето на состојбата со инспекцискиот надзор под ингеренции на општините, како и резултатите од истражувањето на јавното мислење за локалните инспекциски служби спроведено годинава.

Оваа дискусија е дел од серијата дебати што ги организира НВО Инфоцентарот, за да го поттикне процесот на промени и законски измени во насока на подобрување на функционирањето на инспекцискиот надзор и зајакнување на партиципативната демократија на локално ниво.