Германската канцеларка Ангела Меркел вчера во Бундестагот одговараше на прашања на претседателот на Комисијата за европски прашања, Гинтер Крихбаум, кој е од редовите на нејзината партија ЦДУ, а кој упати критики за неуспехот на германското претседателство со ЕУ да ги започне преговорите со Македонија, јави Дојче веле.

Тој рече дека јавноста уште еднаш била сведок на злоупотребата на правата на земјите-членки на ЕУ, кон земјите кандидати, за да ги промовираат своите билатерални прашања.

-Не успеавме секаде да постигнеме пробив, на пример за почеток на преговорите со Македонија. Тоа е штета и уште еднаш доживеавме една злоупотреба на позицијата на една земја- членка против една земја-кандидат со наметнување на билатерални барања. И, мора јасно да се каже, со вршење притисок. Како ги оценувате шансите во блиска иднина да се надмине блокадата на Бугарија, запраша Крихбаум.

Меркел на тоа одговори дека е во контакт со бугарскиот премиер Бојко Борисов.

-Уште еднаш разговарав со бугарскиот премиер Бојко Борисов и се надевам дека овие прашања ќе се надминат во блиска иднина, рече германската канцеларка.

Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн вчера во интервју за Дојче веле најави дека темата за проширувањето и дефинитивно веќе се сели во рацете на следното португалско претседателство со ЕУ, а потоа и на словенечкото.

-Проширувањето е во добри раце со следното португалско и потоа словенечко претседателство. Ние со нив формиравме Тројно-претседателство за период од 18 месеци – ги усогласивме нашите програми, многу тесно соработуваме, и нашите португалски пријатели кои сега ќе преземат се многу свесни дека одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Македонија и, доколку се исполнат условите и со Албанија, е приоритет, рече Холштајн.

Инаку, опозицијата во неколку наврати бараше од власта во Македонскиот парламент да се разговора за ситуацијата и проблемот помеѓу Скопје и Софија, но ниту еднаш претставници на власта не се појавија на Комисијата за надворешни работи за да реферираат за активностите кои ги превземаат.