Економскиот план на Владата за справување со кризата, како и клучните реформи и стратегии што се подготвуваат во рамки на Министерството за финансии, а кои треба да овозможат забрзан, одржлив и инклузивен раст, беа темите за кои министерот за финансии Фатмир Бесими денеска го информирал амбасадорот на Франција во земјава, Сирил Бомгартнер.
На денешната средба, информираат од Министерството за финансии, од двете страни е истакнато дека во иднина ќе се залагаат за интензивирање на соработката на економски план, за што од големо значење е склучување на Договорот помеѓу двете влади за основање на Француската агенција за развој (ФАР).
– Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст (SmartER Growth), Фискалната стратегија и Планот за јавни инвестиции 2021–2025 година, како главни стратегии на коишто се темели Буџетот за 2021 година, претставуваат цврста основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, за достигнување на нивото на економијата од преткризниот период во текот на втората половина од 2022 година и обезбедување побрза динамика на економски раст потоа, којшто во 2025 година се очекува да достигне 5,9 отсто, истакнал Бесими
Амбасадорот, пак, соопштуваат од Министерството, ги поздравил реформите што ги спроведува Владата.