Од печат денеска излезе учебникот „Локална самоуправа“ од проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, проф. д-р Владимир Митков проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска, проф. д-р Александар Спасеновски и доц. д-р Марко Кртолица.

Учебникот е колективен труд на професори од пет различни генерации, пример за одлична академска соработка меѓу колешки и колеги кои активно работеле и се уште работат на катедрата по Уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Рецензенти на учебникот се проф. д-р Билјана Ванковска од Филозофскиот факултет при УКИМ, проф. д-р Александра Максимовска-Стојкова од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и проф. д-р Јетон Шасивари од Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово.

Изучувањето на локалната самоуправа на европско и на светско ниво се наметнува не само како научна и академска, туку и како општествена потреба. Разбирањето на локалните предизвици и граѓанските интереси се одразува и врз креирањето и водењето на националните политики. Ако државите не се посветени на локалните работи и не ги решаваат локалните проблеми, тие не можат да бидат успешни ниту во креирањето на националните политики, а уште помалку ќе бидат подготвени да ги решат проблемите на граѓаните. Ако демократијата не се практикува на локално ниво, таа не може да постои и опстои ниту на национално ниво.

Процесите на глобализацијата го намалија влијанието на граѓаните врз националните власти. Во многу држави во Европа и во светот, се засилија локалната и регионалната иновативност, територијалната и паметната поврзаност меѓу локалните заедници, во рамките на процесите на регионализација и децентрализација.

Се зголемија можностите на граѓаните да учествуваат во креирањето на локалните политики како своевидна компензација на намаленото учество на граѓаните во националните процеси на креирање политички одлуки. Порасна интересот и примената на облиците на директна демократија: граѓанската иницијатива, референдумот, петицијата, собирот на граѓани, народното/граѓанското вето, барањето за отповик на локалните претставници и слично).

Локалната самоуправа е темел на модерната демократија. Нема демократски политички систем без развиена локална самоуправа и локална демократија, оти демократијата извира од локусот во кој што граѓаните живеат, работат, комуницираат, ги задоволуваат основните лични и колективни интереси и потреби, директно или преку локалните органи, како најблиски до нив.

Овие и уште многу други важни теми поврзани со европската и македонската локална самоуправа се проучени и темелно анализирани во учебникот. Тој злезе со помош на Фондацијата „Конрад Аденауер“ од Скопје која поддржува проекти поврзани со унапредувањето на македонското високо образование.

Благодарение на големата професионалност и желбата за соработка меѓу авторите и Фондацијата „Конрад Аденауер“ студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“, како и студентите на другите факултети што го изучуваат предметот Локална самоуправа ќе добијат уште еден учебник целосно бесплатен. ев/хс/

2020-12-19 13:10:11, од Елизабета Велјановска-Најдеска