Амбасадата на Словачка во Скопје објави повик за апликации за стипендии во рамки на Словачката билатерална програма за соработка (Slovak Bilateral Scholarship Programme) за академската 2021/2022 година.
– Македонската и словачката страна ќе разменуваат студенти во рамки на акредитирани студиски програми од прв, втор и трет циклус на високо образование, во вкупно времетраење од триесет месеци годишно. Вкупната квота може да биде поделена на покуси периоди во времетраење од три до десет месеци по кандидат. Стипендијата не може да се додели за комплетен курс на студии што доведува до степен на високо образование. Познавањето на јазикот на земјата домаќин или друг јазик, прифатлив за избраната институција, ќе биде услов за оваа размена, објави Министерството за образование и наука.
Словачката страна ќе обезбеди: бесплатно студирање; стипендија согласно законските прописи во земјата домаќин и сместување во студентски домови под исти услови како за своите граѓани. Патните трошоци за повратен билет (со автобус) до и од местото на студирање ќе ги покрие Министерството за образование и наука на Република Македонија.
– Апликациите испратени од индивидуални апликанти директно до Министерството за образование, наука, истражување и спорт на Република Словачка нема да бидат земени предвид. Доколку не е наведено поинаку, престојот ќе се реализира не порано од 15 септември 2021 година и не подоцна од 30 август 2022 година. Министерството го задржува правото да го смени бараниот рок на стипендија и/или да прими било кој апликант на курс и/или високообразовна институција различна од наведената во неговата/нејзината апликација за стипендија, доколку приемот кој е побаран од страна на апликантот не е изводлив, се наведува во објавата на МОН.
За условите за стипендиите кандидатите може да се информираат на веб-страницата: https://www.minedu.sk/scholarships-offered-within-the-framework-of-bilateral-programs-of-cooperation-for-20212022/
Во повикот има повеќе информации за износот на стипендиите (за студенти и за докторанди), постапката за пријавување и потребните документи, препораки за апликантите и е достапна апликацијата. Рокот за пријавување е до 20 март 2021 година.