Ново контроверзно интервју против македонската историја и идентитет е објавено во БГНЕС, овој пат дадено од новинарот и публицист, Ким Мeхмети.
Тој во неговото интервју вели декамногу од албанските манастири и цркви биле присвојувани од Македонската православна црква, како што е примерот со манастирот „Свети Јоаким Бигорски“ кај Дебар, каде што пред Втората светска војна службите се вршеле на албански јазик.
- Моите предци се молеа и во овој манастир затоа што потекнувам од Горна Река. Пред доаѓањето на Османлиите, на овие простори, сите Албанци беа христијани, но таа вистината мене воопшто не ме спречува денес да бидам горд Албанец од муслиманска вероисповед. Затоа понекогаш сум изненаден од хистеријата со која некои таканаречени македонски интелектуалци го негираат фактот дека Белград е тој што стори сè за да ги дистанцира Македонците од бугарскиот народ што е можно повеќе – вели Мехмети.
Мехмети во интервјуто за бугарскиот медиум во еден дел наведува и дека Белград е главен на Македонија а не Скопје, алудирајќи дека нашата земја е заробена во канџите на „српската мисла“ а граѓаните биле од мали учени и воспитувани против Албанците и Бугарите.
- Дозволете ми прво да дефинирам две главни работи: не ми паѓа на памет да им кажам на Македонците кои се и какво е нивното потекло, ниту пак да им откривам на Бугарите кои се нивните „братучеди“. Јас сум писател и ја зборувам вистината што ја доживеав. Јас пораснав во „училиштата на Тито“ и многу добро знам дека тие нè научија дека најголемите непријатели на Македонија и на Македонците се Албанците и Бугарите. Знам дека од прво одделение па се до староста на Македонците, се градеше свеста дека да не беше српскиот братски народ, тие ќе беа „голтнати“ од Албанците и Бугарите. Што се однесува до омразата кон Албанците и Бугарите, некои членови на македонската елита веќе долго време се „србизирани“. Тие се и „татковци“ на паролите „Смрт на шиптарите“ и „Бугари-Татари“. Македонија успеа да стане независна и стана членка на ООН, но остана „заробена“ во канџите на „српската мисла“. И од многу причини, главен град на Македонија е Белград, а не Скопје. Затоа е тешко да се комуницира со официјално Скопје за било што, вклучувајќи историски или јазични вистини. Односно, тешко е да се разговара со Скопје за која било тема што ги надминува историските вистини напишани од комунистите на Тито., додава Ким Мехмети.