Првиот вицепремиер во косовската Влада, Бесник Тахири изјави денеска дека Косово не е загрижено поради изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Белград нема да ја признае косовската независност се додека тој е на чело на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната прес-конференција по седницата на Владата, Тахири рече дека „Косово треба да продолжи по својот пат, чија цел е дијалогот (со Србија) да се финализира со меѓусебно признавање“.
– Изјавата на Вучиќ е едноставно продолжение на неговите провокации во однос на Косово. Оној кој мисли дека тој ќе рече дека ќе го признае Косово, по мое мислење, има одредена доза на политичка наивност. Ние не се занимаваме со него, ние се занимаваме единствено со политичкиот став на Косово и ги имаме нашите принципи според кои се раководиме во однос на Србија, изјави Тахири.
Официјална Приштина, рече тој, ги има своите стратешки цели, „а тоа се зачленување во Европската унија и НАТО, како и дамнешните заложби за зачувување на добрите односи со сите соседни држави, како и со ЕУ и посебно со САД“.
Според Тахири, во односите со Србија, за Косово „дијалогот е единствениот пат и нема друга алтернатива“.