Претседателот на Република Македонија во интервјуто за „Комерсант“ во однос на членството на Македонија во НАТО, кое се официјализираше во март оваа година Пендаровски потенцира дека НАТО за нас е синоним за безбедност и гаранција на нашиот територијален интегритет.
-По распадот на Југославија, ние се соочивме со проблеми за безбедноста и територијалниот интегритет. НАТО за нас беше синоним, гарант и на едното и на другото. Претходно, меѓународните инвеститори не прашуваа: дали Македонија има иднина? Кој би вложувал во држава ако безбедноста е загрозена? Сега, кога станавме членка на оваа воено-политичка структура, нашиот имиџ е сосема поинаков, вели Пендаровски.
Додава дека со членството во НАТО започнавме активна размена на информации, кои се од заеднички интерес.
– Во последните пет-шест години околу 140 наши граѓани војувале во Сирија и во другите земји од Блискиот Исток. Некои загинале или исчезнале, но многу се вратиле. Тоа се луѓе од војна, и потенцијално може да извршат терористички акти и кај нас, и во регионот. Ние сме мала земја, и многу е значајно да се добиваат потребните разузнавачки информации од Германија, Франција, од другите водечки земји. Пред неколку месеци, благодарение на добиена информација, ние уапсивме тројца такви луѓе кои подготвуваа терористички акт, посочи Пендаровски во интервјуто за „Комерсант“