Премиерката Ана Брнабиќ во Институтот Торлак во Белград прими вакцина против Ковид 19, со што и официјално во Србија започна вакцинацијата против коронавирус. Вакцината потоа ја прими министерката за труд, вработување, социјални работи и ветерани, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ и епидемиологот Предраг Кон.

Покрај нив, денеска ќе бидат вакцинирани и првите граѓани, корисници на домовите за стари лица во Белград и Нови Сад, а од утре и во Ниш.

Освен корисниците на домови за стари лица, вакцината во Србија први ќе ја примат и здравствени работници.

Во вторникот, 4.875 дози на вакцината Фајзер пристигнаа во Србија, а други 20.000 дози ќе пристигнат на почетокот на јануари. Со што Србија е прва земја во регионот во која е пристигната вакцината на Фајзер, со кој е потпишан договор за 1,8 милиони дози, кои ќе пристигнуват квартално.

Србија наскоро очекува да даде дозвола за употребата и на вакцината Спутник, како и на кинеската вакцина.

Според српскиот претседател, „од средината на јануари ќе се оди на помасовни вакцинации“.

-Кога ќе го кажам тоа, мислам на стотици илјади, можеби дури и на милион луѓе да бидат вакцинирани до крајот на јануари, тоа е страшен успех, изјави Александар Вучиќ.