Најголемата албанска групација „Кастрати груп“ и официјално ја презеде концесијата на меѓународниот аеродромот во Тирана(ТИА) од кинеските инвеститори.

Трансакцијата е регистрирана во Националниот деловен центар,со што „Кастрати груп“ стана стопроцентен акционер на аеродромот.

Новиот концесионер акциите ги откупи од досегашниот,кинеската компанија Риал Фортрес Прајват Лимитид, во сопственост на кинеската групација за инвестиции и управување со имот Чајна Евербрајт лимитид (ЦЕЛ) со седиште во Хонг Конг.

Кинезите концесијата за единствениот активен аеродром во Албанија за 82,25 милиони евра ја добија во април 2016 година и поседуваа 100 отсто од акциите.

Според договорот, групацијата Кастрати концесијата ја добила за 71 милион евра преку две плаќања,на почеток 15 милиони, додка останатите 56 во второто плаќање.

Кастрати е најголемата деловна групација во Албанија, која се занимава со продажба на нафта и гориво, а во последните години ги прошири своите деловни активности во секторите за осигурување, градежништво и туризам.

Прометот на Кастрати во 2019 година изнесува 90 милијарди леки или околу 730 милиони евра, што е најдобра година во историјата на групацијата во која ги зголеми приходите за околу 5 проценти.