Општина Битола утврди посебна програма за активности во областа на спортот и младите која ќе се реализира во 2021 година.

Во програмата фокусот е ставен на родовата еднаквост, односно вклучување на повеќе жени спортисти во спортските клубови и асоцијации во тој град.

-Општина Битола како развиена спортска општина која создава услови за развој и поддршка на програмите за спорт и спортско рекреативни активности, со утврдената програма која ќе се реализира во наредната година уште повеќе ќе влијае врз квалитетот на спортот и вклученоста на младите спортисти. Активностите ќе се реализираат под мотото „Спорт за сите” и тие ќе придонесат за поголема масовност и промоција на спортското здравје, нагласуваат од локалната самоуправа.

Во новата година Општина Битола ќе ја збогати програмата на спортски манифестации и систем на наторевари во кои ќе учествуваат младите спортски надежи, а посебна поддршка ќе биде овозможена и за лицата со интелектуална попреченост или пречки во развојот.

За реализација на програмата за активности во областа на спортот и младите во Општина Битола обезбедени се 32 милиони денари.