Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска се сретна со претставниците на Здружението за лица со посебни потреби „Заедно можеме“ од Гостивар и со претставниците на Центарот за аутизам „Летај за живот“ во Тетово. Груби им подари пакети на децата со посебни потреби по повод новогодишните празници.

Груби за време на оваа средба, како што соопшти неговиот Кабинетот, со претставниците на овие здруженија разговараа и за реализираните активности и начинот на функционирање во овој тежок период, кој ја зафати не само нашата земја, туку и светот.

-Одговорност на сите нас е да бидеме со родителите на децата со посебни потреби и ги уверив дека Владата на Република Македонија ќе има отворена врата за сите нивни потреби и ние сме тука да им служиме на дневна основа. Имавме тешка година, сите заедно како општество, но особено родителите на деца со посебни потреби и се надевам дека следната година со надминување на пандемијата ќе се фокусираме на олеснување на секојдневниот живот на овие деца, рече Груби.

Груби, како што се наведува во соопштението, наведе дека заложбите на здруженијата за правата на лицата со посебни потреби, особено децата од оваа категорија овозможуваат создавање на општество во кое овие деца се рамноправни граѓани и интегрирани во нашето општество.

Вицепремиерот Груби посочи дека тој и неговиот тим ќе настојуваат да бидат силен глас и коректор на мерките за оваа категорија на деца и оти ќе ја поддржи секоја иницијатива за подобрување на состојбата на децата со посебни потреби.