По силниот земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтеровата скала во Хрватска во 12.20 часот, граѓаните излегоа на улиците, а премиерот Андреј Пленковиќ најави дека веднаш заминува во Петриње, кое е најсилно погодено.
Во Петриње се урнати повеќе куќи, а спасено е едно дете кое било во автомобил кога се урнал објект близу него, јави Индикс. Не е позната судбината на сопственикот на возилото.
Полицијата ги повика граѓаните доколку се во можност да излезат на отворен простор и да се оддалечат од објектите кои може да се урнат. „Лицата кои се на повисоките катови, нека се засолнат кај потпорен ѕид“, апелира хрватската полиција.
Во делови на Хрватска нема ни електрична енергија и телефонските линии се во пркеин.
Епицентарот на земјотресот беше во близина на Петриње, 45 км југоисточно од Загреб.
Во Загреб е предизвикана материјална штета и голем дел од градот е без струја. Подоцна беа регистирани уште два големи потреси од околу четири степени по Рихтер. Тоа е втор силен земјотрес што го погоди Загреб во оваа година, првиот се случи на 22 март. Засега нема извештаи за жртви во земјотресот.
Земјотресот беше почувствуван и во во Србија и Босна и Херцеговина – се тресеше во Белград и Бања Лука, Сараево, Краина и Зеница.