Тивко помина во медиумите вториот дел од анкетата на Телевизија Телма и МЦМС а спроведена од М-Проспект во периодот од од 6 од 24 декември по телефонски пат и на репрезентативен примерок од 1000 испитаници постари од 18 години.
Тоа е така, бидејќи бројките од оваа анкета апсолутно не и одговораат на власта па оттука и „игнoрирањето“ на оваа анкета од поголем број на портали особено од ние кои се декларираат како независни и професионални. А оние пак кои ја објавија, фокус ставија на тоа колку од граѓаните ќе се вакцинираат против Ковид, иако не се знае воопшто кога Македонија ќе добие вакцина и дали ќе биде меѓу последните земји во светот кои ќе ја добијат оваа вакцина.
Па така на пример, беше изоставено дека средната оценка што граѓаните и ја дале на Владата за справување со здравствениот аспект на Корона кризата е 2,9. На скала од 1 до 5, каде еден е најлоша оценка, а пет најдобра, испитаниците најчесто ја избрале оценката три (32,2%). Нешто повеќе од третина (35,7%) се одлучиле за оценка 1 или 2, додека на другата страна, за повисоки оценки, четири или пет се одлучиле 31,8% од испитаниците. Во оценките можат да се забележат разлики кај различните етнички заедници па така, етничките Македонци почесто давале негативни оценки во однос на етничките Албанци. Вкупно 40,5% од етничките Македонци ја оцениле владата со оценка еден или два, за разлика од 22,3% кај етничките Албанци.
Не беше ни споменато дека средната оценка која граѓаните и ја дале на Владата за економските мерки со кои се помага приватниот сектор е пониска и изнесува 2,67. Најбројни се оние кои овие мерки ги оцениле со „еден“ (28,3%) или кажано со терминологијата во училиштата, со „недоволен 1“ и „доволен 2“ економските мерки ги оцениле 44,7% од испитаниците. На другата страна, „многу добар 4“ и „одличен 5“ Владата добила од 27,8% од граѓаните. „Добар 3“ и дале околу една четвртина од нив. Етничката припадност влијаела во одговорите на ова прашање. Па така, етничките Македонци почесто ги избирале оценките 1 и 2 (48,4%) за разлика од етничките Албанци (34,3%).
Во медиумите не можеше нити да се прочита дека мнозинство од испитаниците (60,5%) сметаат дека здравствените власти немаат капацитет за навремено и ефективно справување со вакцинацијата за Ковид-19. Оние кои сметаат дека постои таков капацитет се околу една третина или 34,7%. Етничките Македонци за околу 13 процентни поени повеќе веруваат дека здравствените власти имаат капацитет, за разлика од етничките Албанци кои пак, за околу 12 процентни поени се побројни меѓу оние кои сметаат дека нема капацитет за спроведување на вакцинацијата.
Но она што е најинтересно од вториот дел на анкетата е прашањето за доверба во актуелните министри. Па така резултатите покажале дека дека испитаниците имаат најголема доверба во Министерот за здравство, Венко Филипче (43,2%), по него е Министерот за надворешни работи, Бујар Османи (29,4%), па Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска (27,9%). И на ова прашање мнозинство од испитаниците одговориле негативно, односно дека целосно или донекаде немаат доверба во овие министри (Радмила Шеќеринска- 68,9%, Бујар Османи- 67,1%, и Венко Филипче- 54,6%).
Оттука, може да се заклучат две работи: Првата е дека „голиот“ PR на среден и долг рок неминовно донесува лоши резултати во отсуство на вистинска грижа за граѓаните каков што е случајот со министерот за здравство Венко Филипче. Имено, на анкетата на Детектор изработена за потребите на истата емисија која се емитуваше на Телевизија Сител, објавена кон крајот на март 2020 година, министерот за здравство уживаше доверба од високи 82%. Тоа значи дека за 6 месеци довербата во Филипче е падната за речиси 39%.
И второ, иако Венко Филипче има скоро и двоен пад на рејтингот кај граѓаните, сепак тој останува политичар/функционер со повисок рејтинг и од неговиот партиски лидер Зоран Заев, кој според резултатите од истата анкета има рејтинг од 39,7%.