По вчерашниот низок број новозаразени од Ковид-19, во последното деноноќие забележан е раст на случаите со опасниот вирус. Исто така, поголем е, речиси за двапати, и бројот на починатите, јави дописникот на МИА од Тирана.

– Во изминатите 24 часа од направените 3.424 тестови позитивен резултат е добиен кај 660 лица, што е околу 20 отсто од тестираните. Во исто време, битката со опасниот вирус ја загубија 11, додека во списокот на оздравени се внесени 555 лица, информираше Министерството за здравство и социјална заштита.

Според Министерството, зголемување бележи и бројот на хоспитализирани. Во четирите ковид болници се третираат 287 пациенти, 23 на интензивна терапија, од нив шестмина интубирани.

Од Министерството оценуваат дека зголемениот број се должи на непочитувањето на мерките за заштита и протоколите, но пред се престојот на емигрантите, главно од Италија и Грција за божикните и новогодишните празници, што е проследено со посети и групирања.

Во Албанија од почетокот на март до сега направени се вкупно 272.807 тестови, позитивен резултат е добиен кај 60.283, оздравеле 35.551, активни на болеста се 23.522, додека починале 1.210 лица.

Како што информираа премиерот Еди Рама и министерката Огерта Манастирлиу, се е подготвено за почеток на вакцинацијата што треба да почне првите денови од третата недела на овој месец. Освен во Тирана, на стадионот „Ер Албанија“, каде ќе има 60 кабини за таа цел, центри за имунизација ќе бидат отворени во Валона и Скадар.