По дводневниот престој во Анкара, албанскиот премиер Еди Рама утре ќе отпатува во Атина, каде се предвидени средби со неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис и со шефот на дипломатијата Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Тирана.

-Не се познати темите на кои ќе се фокусираат на средбите, но прашањето за морската граница меѓу Грција и Албанија, како и меѓу Грција и Турција, се чини ќе бидат дел од темите, наведуваат медиумите во Тирана.

Ова е вторпат како Рама оди во Атина веднаш по посета на Анкара. Така беше и во средината на септември минатата година кога беше во ненајавена посета на Турција на средба со шефот на турската држава, по што замина за Атина.

За време на престојот во Анкара потпишаа договор за унапредување на билатералните врски на ниво на стратешко партнерство.

-Потпишавме заедничка политичка декларација за формирање Совет за стратешка соработка на високо ниво. Така, ги подигнавме нашите односи на ниво на стратешко партнерство. Тоа ќе помогне во понатамошната соработка меѓу двете земји на секое поле, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Освен што Турција ветила изградба на болница во градот Фиер, бесплатно лекување на 100 албански државјани во болници во Турција, искажан е заеднички став дека терористичката организација ФЕТО претставува закана за двете земји и затоа „нема да дозволат ФЕТО да ги труе односите меѓу Турција и Албанија“.