Во Берово во тек се активности за разубавување на дворната површина во Домот за стари лица ,,Д-р Иван Влашки”. За уредување на дворните површини, од буџетот на установата ќе бидат потрошени околу 300 илјади денари.
-Целта на разубавување на дворната површина во ОЈУСЗСЛ ,,Др. Иван Влашки” во Берово е старите лица, да добијат уште по пријатно катче за престој. Во таа насока во тек се активности за изградба на уникатна украсна црквичка, бунар и летниковец, кои на дворот му даваат дополнителна убавина, а за станарите обезбедуваат нови содржини, информираа од установата.
Паралелно, како што додадоа во тек е уредувањето на ентериерот на Третата ламела во установата.
-Во нашата установа, во тек е внатрешно уредување на третата ламела, која ќе донесе 10 легла за нови корисници и хортикултурно уредување, со што домот прераснува во една реномирана установа, која ги исполнува сите услови и стандарди за пријатен престој на оние кои цел живот се грижеле за нас, додадоа од ОЈУСЗСЛ ,,Д-р Иван Влашки”.
Дополнија дека со континуирана поддршка од Министерството од труд и социјална политика, домот за стари лица во Берово, секојдневно ги проширува своите капацитети, подновен и разубавен, со нови реквизити, кои го надополнуваат амбиентот.