Лични податоци, податоци за примената вакцина, како и QR код содржи нацрт сертификатот изработен од надлежните грчки власти, што премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис денеска го испрати заедно со дописот до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, но и до шефовите на државите на Унијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Сертификатот за вакцинација за слободно движење на граѓаните што Грција го предлага до Унијата е на грчки и англиски јазик, освен лични податоци, вклучува и податоци за датумот кога е примена првата и втората доза, вид на вакцината, како и потврда дека лицето е успешно вакцинирано против Ковид-19.

Како што претходно објави МИА, грчкиот премиер ѝ предложи на ЕУ да усвои стандардизиран сертификат за вакцинација за слободно движење на граѓаните кои веќе се вакцинирани, а како пример го испрати конкретниот нацрт сертификат за кој напиша дека ќе се користи за сите превозни средства, воздушни, морски и железнички.

Во писмото Мицотакис објаснува дека вакцинацијата нема да биде задолжителна или предуслов за патување, „но лицата кои се вакцинирани би требало да патуваат слободно“.